Театри за деца и млади од Македонија денеска го започнуваат петдневниот фестивал „Малиот принц“, што по 11. пат ќе се одржи во Штип. Организатор е Центарот за култура „Ацо Шопов“, на чија сцена ќе бидат изведени повеќе театарски претстави и други програмски содржини за најмладата публика.
Фестивалот се отвора во 19 часот со перформанс со живи статуи пред Галеријата на Домот на културата. Утре од 18 часот, на големата сцена ќе се игра еколошката претстава „Пет и Еко“, а потоа следуваат „Црвенкапа“ на НУЦК „Трајко Прокопиев“ од Куманово (вторник) и „Ајварко, Кифи и Мр. Хамбургер“ на Штипскиот центар за култура (среда).
Фестивалот ќе се затвори в четврток со преставата „Во домот на волшебникот“, во изведба на „Театар хит“ од Скопје.
„Наша основна цел е и покрај проблемите што ги имаме, да го одржиме фестивалот во живот. Исто така, настојуваме фестивалот да има поголема масовност со учество на повеќе театри од Македонија. Со сите наши ангажмани се надеваме дека ќе ги анимираме децата и младите за театарската уметност и со тоа да им го исполниме денот и на нивните родители“, вели директорот на Домот на културата во Штип, Горан Трајков.
Т. ЈОВАНОВСКИ