ВО ВЕЛЕС ДОЈДЕ ПАТУВАЧКАТА ИЗЛОЖБА „100 ГОДИНИ МАКЕДОНСКИОТ ФРОНТ“

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Патувачката изложба „100 години од Македонскиот фронт – секојдневниот живот на линијата на фронтот“ е отворена во медиотеката на Градската библиотека „Гоце Делчев“ во Велес. Подготвена е од Асоцијацијата на наставници по историја на Македонија (АИНМ). На десет паноа се прикажани текстуални и визуелни сведоштва од Македонскиот фронт, кои даваат слика за секојдневниот живот на линијата на фронтот.

„Акцентот на изложбата е ставен врз секојдневниот живот на обичните луѓе, на цивилното население, кое било зафатено од виорот на војната без негова волја. Ова е еден од најтрагичните настани кои се случиле на подрачјето на Македонија. Овие сведоштва го доловуваат духот на тоа време и не ги толкуваат воените збиднувања, туку се за обичниот човек, кој ретко се споменува во книгите“, кажа Миле Младеновски, претседател на АИНМ.

Изложбата беше и ќе биде поставена во повеќе градови низ земјава и финансиски е поддржана од Министерството за култура.

Поддршка на именувањето на фронтот како Македонски, а не Солунски дава и историчарот и професор м-р Велес Алексовски, кој ја изучувал македонската историја низ француските документи.

„Во сите француски книги, овој фронт се води како Македонски и тој во еден дел минува низ денешната граница на Македонија и Грција. Овде на паноата има српски документи од 1916 година, кои го водат како Македонски фронт“, потенцираше Алексовски.

П. ПЕЧКОВ