Колонија за размножување на 60 милиони риби е откриена во замрзнатото антарктичко море Ведел, уникатен и досега непознат екосистем со големина на Малта. Ова фасцинантно откритие кажува колку малку знаеме за морските длабочини.

Огромната колонија, за која се верува дека е најголема на светот, е дом на неверојатните ледени риби (Neopagetopsis ionah), кои имаат проѕирни череп и крв. Тие се единствените ‘рбетници кои немаат црвени крвни клетки. За да преживеат на така ниски температури, рибите развиле протеин против замрзнување во својата крв, кој го спречува растот на ледените кристали.

Колонијата била откриена во февруари минатата година од германскиот истражувачки брод „Поларштерн“, кој со специјални големи камери го истражувал морето до длабочина од половина километар.

„Гледавме гнездо до гнездо цели четири часа, а за тоа време покривме површина од можеби шест километри. Никогаш не сум видел такво нешто за 15 години работа како океанолог“, изјави Аутун Пурсер, истражувач од германскиот институт „Алфред Вегенер“ и главен автор на студијата за колонијата.

Таа зафаќа површина од 240 квадратни километри и со едно гнездо на секои три квадратни метри, научниците процениле дека таму има 60 милиони активни гнезда, од кои секое содржи над 1.700 јајца.