Со 230 гласови „за“ и 197 „против“, Претставничкиот дом ноќеска го отповика претседателот Доналд Трамп, за чија судбина сега ќе решава Сенатот, во кој неговите републиканци имаат мнозинство. Трамп со тоа стана само трет американски претседател во историјата на кој му бил изгласан импичмент, но и во претходните два случаја, не дојде до смена во Белата куќа.
„Претседателот е отповикан! Ова е голем ден за Уставот на САД и тажен ден за Америка, зашто невнимателни активности на претседателот нѐ принудија да го покренеме импичментот“, изјави спикерката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси, која ги повика демократите да не слават.
- Процесот беше покренат откако свиркач од разузнавачките кругови го пријави телефонскиот повик од 25 јули, во кој Трамп бара од украинскиот претседател Володимир Зеленски да отвори истрага за корупција против неговиот политички противник Џо Бајден. Трамп притоа се закани дека на Украина нема да ѝ ја достави веќе договорената воена помош од 400 милиони долари. Тој подоцна кажа дека лично ја блокирал оваа зделка.
- Трамп беше обвинет за злоупотреба на моќта, со тоа што сакал да ја искористи својата позиција за да замеша странска држава во изборите во 2020 година и за попречување на истрагата на Конгресот.
- Историското гласање се случи по десетчасовна жестока дебата, при што ниту еден републикански пратеник не гласаше против Трамп, а им се придружија и двајца демократи.
- За да биде сменет, неговото отповикување мора да го потврди Сенатот, за што ќе биде потребно двотретинско мнозинство.
- Судењето во Сенатот ќе се одржи следниот месец и во улога на судија ќе биде претседателот на Врховниот суд Џон Робертс.
- Пред Трамп, отповикани беа и Ендрју Џонсон во 1868 и Бил Клинтон во 1998 година, но и двајцата беа ослободени од Сенатот.
- „На земјата ѝ оди подобро од кога било. Не згрешивме ништо. Воопшто не ми изгледа дека сум отповикан“, кажа Трамп на митингот во Мичиген, што се одржуваше во исто време со гласањето.