ВОЗДРЖЕТЕ СЕ ОД КРИВИЧНИ ДЕЛА В НЕДЕЛА ЗА ДА НЕ ОДИТЕ В ЗАТВОР, ПРЕДУПРЕДУВА ОБВИНИТЕЛСТВОТО

Скопје, (САКАМДАКАЖАМ.МК)

Јавното обвинителство пред вториот круг на локалните избори оваа недела (29 октомври) денес со соопштение ги повика граѓаните и политичките партии да се воздржат од правење кривични дела поврзани со изборите и ги предупреди на последиците.

„Упатуваме повик до граѓаните, граѓанските организации, лидерите и членовите на политичките партии да се воздржат од преземање дејствија со кои стануваат сторители на кривични дела“, стои во соопштението на Јавното обвинителство.

Комисијата за следење на евентуални изборни нерегуларности во повикот за воздржување од правење криминал, ги наведува кривичните за кои може да се одговара.

Тоа се кривичните дела:

  1. Поткуп при избори и гласање за кое е предвидена казна затвор од најмалку пет години.  Обвинителството укажува дека дури и кога користа е од помала вредност, сторителот согласно законот ќе се казни со парична казна или со казна затвор до една година.
  2. Повреда на тајноста на гласањето за кое е предвидена казна затвор од најмалку три години. Доколку делото е сторено од страна на член на изборен орган или друго службено лице во вршењето на службата во врска со изборите или гласањето, предвидената казна затвор е најмалку 5 години. Ова се однесува и на лице кое со употреба на сила, сериозна закана, искористување на службената, работната или економската зависност и на друг начин, ќе издејствува од друг да каже дали и како гласал.
  3. Неовластеното прислушување и тонско снимање се казнува со казна затвор од една до пет години и тоа за лице кое со употреба на посебни уреди неовластено прислушкува или тонски снима разговор или изјава што не му е наменета, лице кое ќе овозможи на неповикано лице да се запознае со разговор или изјава која е прислушкувана или тонски снимана, како и лице кое ќе сними изјава која му е наменета, без знаење на оној кој ја дава, со намера да ја злоупотреби или да ја пренесе врз трети лица или тој што таквата изјава непосредно ја пренесува врз трети лица.