По цели седум дена, бројката новозаразени со коронавирус во Македонија се спушти под 100, додека Владата не го прифати предлогот на Комисијата за заразни болести за задржување на полицискиот час во некои средини.
- Седумдесет и четиригодишен кумановец е 157. жртва на КОВИД-19 во земјата.
- Во изминатите 24 часа се потврдени 87 нови случаи на коронавирус (од 987 тестирања), што е 40 помалку во однос на вчера.
- Речиси половина од нив се во Скопје (41), па следуваат Штип со 16, Куманово со 12 и Тетово со 10.
- Бројката заразени во земјата порасна за 1.016 во последните девет дена, што уследи непосредно откако беше укинат најголемиот дел од рестриктивните мерки.
- Во Македонија досега се заразени 3.239 лица, од кои 1.658 оздравеле.
- Моментално има 1.424 активни случаи, од кои 760 се во Скопје.
- Место полициски час, Владата донесе одлука за воведување засилени контроли и мониторинг во одредени подрачја, што ги вклучува и Скопје, Куманово, Штип и Тетово.
- Владата исто така засега не размислува за повторно отворање на граничните премини и аеродромите.