ЗАЈАКНАТИ БЕЗБЕДНОСНИТЕ МЕРКИ ВО МАЛМЕ ПРЕД ЕВРОВИЗИЈА, ШВЕДСКАТА ПОЛИЦИЈА ДОБИ ПОМОШ ОД ДАНСКА И НОРВЕШКА

Малме, (Би-Би-Си)

Во Малме се засилени безбедносните мерки во пресрет на Евровизија бидејќи е најавено дека паралелно со големиот музички настан ќе се одржат и демонстрации. Полицијата и организаторите кажаа дека се добро подготвени и се надеваат на „радосен настан“.

Малме, третиот по големина град во Шведска, се подготвува за еден од најголемите безбедносни предизвици во историјата на земјата, додека некои бараат исфрлање на Израел од настанот поради војната во Газа. Шведската полиција ќе добие помош од Данска и Норвешка и се очекува да носи поголеми оружја како мерка на претпазливост.

Се очекува повеќе од 100.000 фанови да дојдат во Малме за време на Евровизија. Полуфиналните вечери се во вторник и в четврток, додека финалето е на 11 мај.

Целата Шведска веќе е на четвртото ниво од можни пет кога станува збор за терористички закани. Јасно е дека безбедносните проблеми во светот влијаат и врз Евровизија. Во Малме веќе имаше протести против учеството на Израел“, изјави шефицата на полицијата на Малме, Петра Стенкула.

Таа кажа дека нема специфични закани против самиот настан, а нивото на тревога беше покачено во август по инцидент со палење Коран.

Евровизија е голема работа за градот, па затоа сакаме сѐ да помине мазно. Мислам дека сме добро подготвени“, изјави директорот за безбедност на Малме, Пер-Ерик Ебестал.

(Фото: ЕПА)