Музејот на современа уметност и зградата на Министерството за образование и наука се дел од објектите во Скопје кои синоќа беа осветлени во сино по повод Светскиот ден на детето, како симболичен гест за нивната заложба за унапредување на правата на децата. Тие и вечерва ќе бидат во сино.
Денот на детето се одбележува на 20 ноември, по повод потпишувањето на Конвенцијата на Обединетите нации за правата на децата. Целта е да се сврти вниманието на широката јавност кон обврските што општеството ги има кон децата, како и кон проблемите со кои тие се соочуваат. Пандемијата на коронавирусот ги разоткри длабоките нееднаквости, ставајќи ги децата под ризик да станат скриени жртви.
Минатата година значајни обележја во светот се обоија во сино, како Европскиот парламент во Брисел, Пантеон во Париз, Акропол во Атина, Палатата на мирот во Хаг, Петра во Јордан и мостовите на Босфор во Истанбул.