ВО МСУ ПОСТАВЕНА ПАТУВАЧКАТА ИЗЛОЖБА „АЛТЕРНАТИВЕН ВОДИЧ НИЗ ЈАПОНИЈА“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Од 16 јули до 16 септември, во Музејот на современата уметност (МСУ) во Скопје ќе биде поставена патувачката изложба „Изградена средина: Алтернативен водич низ Јапонија“, која нуди поинаков поглед кон јапонските архитектура, култура и однос помеѓу човекот и природата.

Изложбата е организирана од Амбасадата на Јапонија, МСУ и Јапонската фондација и преку фотографии, текстови и видеоматеријали претставува 80 примери на архитектонски објекти, инженерски градби, пејзажи и други значајни дела од сите префектури на Јапонија.

Поставката ги води посетителите низ јапонскиот архипелаг, од снежниот север до суптропскиот југ, откривајќи како природните предизвици, како што се земјотреси, вулкани, цунами и сезонски бури, влијаеле врз развојот на архитектурата и начинот на живот. Таа ги истакнува издржливоста, креативноста и способноста за приспособување, што со векови го обликуваат јапонското општество.

(Фото: Амбасада на Јапонија)

Посебен акцент е ставен на делата на некои од најзначајните современи архитекти, меѓу кои добитниците на Прицкеровата награда, Шигеру Бан и Арата Изозаки, како и Кенго Кума, Јошио Танигучи, Тадао Андо и Кензо Танге.

Проектите се поставени на оригинални структури инспирирани од традиционалното јапонско оригами. Изработени од шперплоча и распоредени така што потсетуваат на стилизирана карта на јапонскиот архипелаг, тие создаваат уникатно изложбено искуство, кое дополнително е збогатено со серија видеопроекции.

Куратори на изложбата се Шунсуке Кураката, вонреден професор на Универзитетот на Осака, Сатоши Хачима, професор на Технолошкиот институт во Чиба, и Кенџиро Хосака, куратор во Националниот музеј на модерна уметност во Токио.

(Фото: Амбасада на Јапонија)