ЗЛАТКО ПАНЗОВ ЈА ДОБИ НАГРАДАТА „ДРАГИ“ ЗА НАЈДОБАР ПРЕВОД НА МАКЕДОНСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Златко Панзов ја доби наградата „Драги“ за најдобар книжевен превод на македонски јазик, за неговиот превод од унгарски јазик на „Заробеништво“ од Ѓерѓ Шпиро, во издание на издавачката куќа „Артконект“.

Наградата ја востанови издавачката куќа „Антолог“, а беше врачена вчера на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ пред отворањето на книжевниот фестивал Букстар.

За наградата одлучуваше комисијата: Јана Михајловска, Лидија Капушевска-Дракулевска и Милан Дамјановски. Финалисти беа Анастасија Ѓурчинова, Златко Панзов, Иван Шопов, Љубица Арсовска и Никола Ѓелинчески.

Милан Дамјановски ѝ ја врачи наградата на Александра Јоаниду за преводот на книгата „Мојот маж“ од Румена Бужаровска на грчки јазик. (Фото: Антолог)

Комисијата за доделување на наградата „Драги“ едногласно реши да му се додели специјална плакета на Никола Ѓелинчески за продолжување на преведувачката традиција и креативниот дух на Драги Михајловски. Ѓелинчески е награден за неговиот превод од шпански јазик на „Претпесни на постшпански и други песни“ од Хорхе Eнрике Адум, во издание на „Алеф публикации“.

Вчера се додели и интернационалната награда „Драги“ за најзначаен превод на македонски автор на странски јазик, Ја доби Александра Јоаниду за преводот на книгата „Мојот маж“ од Румена Бужаровска на грчки јазик.

(Фото: Антолог)