ЗЛАТКО ТЕОДОСИЕВСКИ НА 3 ЈУНИ ВО КИЦ ЈА ПРОМОВИРА КНИГАТА „СКОПЈЕ 2014…И ПОТОА“

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

„Скопје 2014…и потоа“ од Златко Теодосиевски е насловена книгата која ќе биде промовирана на 3 јуни во 12 часот во Културно информативниот центар (КИЦ) во Скопје. За книгата ќе зборуваат Никос Чаусидис и Бранко Героски. Ќе бидат изложени и фотографии од „Скопје 2014“ од Александар Кондев.

„Во 2024 година се навршија полни десет години од ‘проектот’ со славно име ‘Скопје 2014’, а изминуваат безмалку еднакво толку години и од времето на т.н. ‘Шарена револуција’ којашто, меѓудругото, инсистираше на конечна разврска со овој ‘проект’, особено заради неговата анахроност, хаотичност, криминогеност, противзаконска позадина, неговата анти-историчност и квазиестетичност итн. Спомнатите години едновремено сведочат и на приближно толку долгиот период од ветувањата на една политичка партија дека го разбира народниот гнев против ‘Скопје 2014’ и дека дефинитивно ќе расчисти со ‘проектот’. Меѓутоа, минуваа години а ништо не се промени! ‘Скопје 2014’ се покажа – неуништиво! Затоа и во продолжението на насловот на книгата, во форма на некаков поднаслов, стои она ‘… и потоа ‘бидејќи за овој ‘проект’ во јавноста се создаде мислење дека е само инцидент со краток век во поновата македонска историја, дека тоа ‘Скопје 2014’ е само негова мртва рожба… итн. Но, времето нѐ демантираше: тоа ‘Скопје 2014’ продолжи да трае до денес! И, по сѐ изгледа, ќе трае и понатаму бидејќи во Македонија очигледно нема политичка сила и интелектуален капацитет што соодветно би се справиле со него“, вели Теодосиевски.

Теодосиевски е историчар на уметност, критичар и публицист, автор е на повеќе книги од областа на ликовната уметност и културата („Илија Кочовски – сликар на тишината“, „Жарко Јакимовски, монографија“, „Сашо Саздовски, монографија“, „Пандора Саздовска, монографија“„(Само)заробена култура“, „Време на изгубени илузии“, „Пролегомена за македонската фотографија, том 1-4 и др.)