Италијанската нутриционистка Марика Манчино, која пораснала на медитеранска исхрана, за „Инсајдер“ кажа кои се нејзините четири омилени појадоци. Манчино рече дека секој оброк треба да содржи протеини, јаглехидрати, масти и влакна.
Истражувањата покажуваат дека начинот на исхрана на Манчино има повеќе здравствени придобивки, меѓу кои и спречување срцев и мозочен удар. Се базира на зеленчук, здрави масти како маслиново масло, немасни протеини, вклучувајќи риба и сложени јаглехидрати, како цели зрна и грав, додека пржената храна, црвеното месо и рафинираниот шеќер се сведени на минимум.
Манчино смета дека овој начин на исхрана е најкомплетен и исто така многу вкусен. Таа им кажува на своите клиенти да внимаваат на големините на порциите, кои не треба да бидат ни премногу големи, ни премногу мали.
„Цел живот сум на медитеранска исхрана, која најмногу ми одговара. Во секој оброк треба да имаме извор на протеини, извор на масти, извор на влакна и јаглехидрати“, рече таа.
Омилениот појадок на Манчино е тост со семе, путер од кикирики и банана. Можете да користите секаков вид леб од цели зрна, рече таа, но не и бел леб. Манчино кажа дека путерот од кикирики е одличен извор на здрави масти, а бананите се многу хранливи, содржат протеини, влакна, јаглехидрати и неколку минерали и витамини.
„Овесот е главен дел од медитеранската исхрана и добар извор на влакна“, рече Манчино.
Таа сака да прави каша за појадок и често ја комбинира со нејзиниот омилен прелив: путер од кикирики и банана. Но, можете да ја комбинирате со секакво овошје.
Друга опција за утрински оброк се житарките со млеко, малку овошје и јаткасти плодови.
„Има стотици опции во маркетите, но житарките, како што се овесни снегулки и рендана пченица или оние што содржат сушено овошје можат да бидат добар избор“, рече таа.
Важно е да се провери ознаката за исхрана, бидејќи некои житарки содржат многу додаден шеќер.
Понекогаш Манчино сака да има побогат појадок, кој се состои од леб од цело зрно и меко сирење, рикота или крем сирење. Но, ова за неа не е целосен оброк, па затоа треба да се комбинира со други извори на протеини. Покрај сирењето, таа додава и малку овошје или зеленчук.
Манчино рече дека често јаде леб со јајца, кои се одличен извор на протеини и уште еден главен елемент на медитеранската исхрана.