ДРВЈАТА АПСОРБИРААТ ЗВУК И ПОМАГААТ ДА СЕ НАМАЛИ ГРАДСКА БУЧАВА, ВЕЛАТ НАУЧНИЦИ

Лондон, (Би-Би-Си)

Научниците велат дека дрвјата имаат важна улога во борбата против загадувањето со бучава во урбани средини и ги избраа видовите кои се најдобри за таа работа.

Тие утврдиле дека аришот е најефективното дрво кога станува збор за апсорбирање на звукот со кората.

Универзитетскиот колеџ во Лондон тестираше 13 видови дрвја во лабораторија и од нив, четинари се покажале најдобри за апсорбирање на бучава. Истражувачите сметаат дека ова би можело да им помогне на градските планери во контролирањето на бучавата во урбани услови.

„Често се нагласува разладувачкиот ефект на дрвјата, но урбаното зеленило помага и во намалувањето на бучавата. Дрвјата можат да послужат како природни придушувачи на ефектите на сообраќајот“, вели професорот Џијан Канг, еден од водачите на истражувањето, во кое биле тестирани дрвја кои најчесто се среќаваат во урбани средини.

Тимот заклучил дека аришот е дрвото кое дава најдобра заштита од бучава, додека иглолисните видови се покажале поефективни од листопадните.