ГРАШОКОТ И КИКИРИТКИТЕ СЕ ЗДРАВИ ЗА СРЦЕТО, ВЕЛИ АНГЛИСКА НУТРИЦИОНИСТКА

Лондон, (Бизнис инсајдер)

Нови студии покажаа дека исхраната во медитерански стил, која содржи многу овошје, зеленчук, интегрални житарки, здрави масти, јаткасти плодови и семки, добро влијае на здравјето на срцето. Англиската нутриционистка Викторија Тејлор издвои неколку намирници кои позитивно делуваат на срцето и се препорачуваат во исхраната.

Тејлор советува во фрижидерот секогаш да имаме кесичка замрзнат грашок.

„Грашокот е евтин и не е комплицирано да се зготви“, вели Тејлор.

Таа додаде дека грашокот е добар извор на растителни протеини и содржи витамин Ц кој помага во заштитата на клетките и ги одржува здрави. Грашокот содржи и растителни влакна, кои, според Тејлор, можат да помогнат во намалувањето на холестеролот.

Кикиритките се идеална опција за сите оние кои сакаат поздрава замена за десерт, но важно е да се јадат умерено. „Несолените кикиритки се богат извор на незаситени масти и содржат влакна, протеини и низа витамини и минерали потребни за урамнотежена исхрана“, вели Тејлор.

И маслото од репка е добро за здравјето на срцето.

„Маслото од репка главно содржи мононезаситени масти кои помагаат во заштитата на срцето со одржувањето на  холестеролот во нормала“, вели нутриционистката.