„Јога за лицето“ станува сè попопуларна како алтернативен третман против стареењето на кожата.

Таа подразбира разни вежби за подигнување, затегнување и за обликување на мускулите на лицето, кои влијаат позитивно за ублажувањето на отечените делови на лицето и за помлад изглед.

Во 2015 година, во Њујорк се отвори првото фитнес студио за лице „СкинЏим“, а истата идеја е актуелна и во Лондон преку „ФејсЏим“, единственото фитнес студио за вежби за лице во Велика Британија, кадешто специјални обучувачи го прават овој тип на јога.

Речиси истовремено, разни вежби станаа познати благодарение на Јутјуб, како тие на експертката за „Фејс јога“, Даниел Колинс, која на нејзиниот канал објавува видеа со туторијали. Едно од најпознатите видеа на Колинс е токму за масирање на делот меѓу веѓите, како и лесното допирање на челото и нежното штипкање и тегнење на веѓите за ослободување од стресот и за стимулирање на колаген, кожниот протеин.

Исто така, „ФејсЏим“ во април објави текст со бројни вежби за лицето, кои помагаат за отстранување на подочниците.