КИВИ И ОМЕГА-3 МАСНИ КИСЕЛИНИ СЕ ДОБРИ ЗА КВАЛИТЕТЕН СОН

САД, (Си-Ен-Ен)

Иако квалитетот на сонот не е секогаш под наша контрола, факторите како начинот на кој го организираме денот и како се релаксираме во текот на ноќта можат да ги зголемат нашите шанси да спиеме подолго и подобро. Изборот на исхрана исто така може да влијае на сонот.

Одредени намирници содржат мелатонин и триптофан, хранливи материи кои потенцијално можат да ни помогнат да спиеме подобро. Нутриционистката Антеа Леви од Њујорк препорачува неколку намирници кои се одлични за добар и квалитетен сон.

Леви вели дека кивито е богато со серотонин кој го стимулира производството на мелатонин во мозокот.

„Едно мало истражување на возрасни со нарушување на спиењето покажа дека јадењето две кивија еден час пред спиење довело до значително подобрување на квалитетот на сонот“, вели таа.

Омега-3 масните киселини, кои ги има во мрсните риби како лосос, можат да го подобрат квалитетот на сонот.

Извори на хранливи влакна има во малини, капини, круши, јаболка, брокула, сладок компир, наут, грашок и леќа, во јаткастите плодови бадеми, ф’стаци и костени и во семињата како чиа, мелено ленено семе, киноа и овес.

(Фото: Фрипик)