КОИ СЕ НЕГАТИВНИТЕ ПОСЛЕДИЦИ ВРЗ МОЗОКОТ ОД НЕДОВОЛНО СПИЕЊЕ

Лондон, (Елит дејли)

Секој кој го занемарува правилото на потребниот сон од шест до осум часа станува подложен на ризиците кои се последица на недоволното спиење. Соодветниот сон ги подобрува когнитивните вештини, му помага на телото да се бори против болести и го подобрува расположението.

Од друга страна, недоволното спиење ја намалува способноста на обрнување внимание, координација на движењата, процесот на донесување одлуки, итн.

Еве што може да му се случи на мозокот доколку кратењето на сонот ви стане секојдневна навика.

Мозокот нема да може да научи нови вештини со текот на времето

Состојбата на сонување е многу поважна отколку што мислиме кога се работи за закрепнувањето на мозокот. Времето поминато во сон е единствениот период кога мозокот може да се посвети на категоризирање на секоја мисла, нова вештина и нова информација кои ги внесол кога сме будни. Затоа, доколку премногу го скратиме времето на спиење, тогаш способноста за паметење може сериозно да се оштети, посебно на долгорочен план.

Слабата активност на мозокот може да ви ги замагли мислите

Едно истражување на Универзитетот Калифорнија на темата лишување од сон покажа дека недоволното спиење влијае различно на разни делови на мозокот. Намалената активност на деловите на мозокот беше иста како кога човекот спие. Со други зборови, кога сте уморни, некои делови на мозокот се веќе во спиечка состојба. Така што, и основните активности, како прелистување на електронската пошта или одлучување што да јадеме, се чинат тешки.

Мозокот не може да создава нови краторочни сеќавања

Обидот на мозокот да функционира без доволно сон може да се спореди со отежнатото работење на телефонот кога му е преполнета меморијата. Кога спиеме помалку од потребното време, мозокот станува неспособен за создавање и складирање нови сеќавања, оставајќи ни впечаток дека повеќе губиме отколку што добиваме информации.

Се зголемуваат шансите за заболување од деменција

Кога не спиеме доволно, мозокот е поподложен да го произведува токсичниот протеин наречен бета-амилоид. Овој протеин од научен аспект е поврзан со Алцхајмеровата болест. Колку помалку одмораме, толку повеќе протеини се создаваат, зголемувајќи ги можностите за заболување во постари години.

Мозокот може да почне буквално да се јаде себеси

Секоја ноќ кога спиеме, мозокот работи на чистењето на токсичките отпади собрани од активноста на неуроните преку ден. Според истражувањата, истото го прави и кога сме уморни. На тој начин, посебни клетки во мозокот, чија функција е да ги „јадат“ несаканите супстанци, постојано напаѓаат здрави неурони, а тие не се обновуваат. На некој начин, мозокот си гризнува делче од себеси како ужинка за полноќ!