Сперматозоидите можат да бидат важен фактор за машкото здравје, според истражувањето кое открива дека мажите со поквалитетна сперма живеат подолго.
Данските научници анализирале примероци од речиси 80.000 мажи и откриле дека оние кои произведуваат повеќе од 120 милиони активни сперматозоиди по ејакулат живеат две до три години подолго од оние кои произведуваат помалку од пет милиони. Мажите со најквалитетна сперма во просек живееле до 80,3 години, во споредба со 77,6 години на оние со најлош квалитет на спермата, објавија истражувачите од „Human Reproduction“.
„Навистина се чини дека колку е подобар квалитетот на спермата, толку подолго е живеењето“, рече д-р Лерке Прискорн, епидемиолог во Универзитетската болница во Копенхаген, кој ја водеше студијата.
На мажите во студијата им била анализирана спермата меѓу 1965 и 2015 година откако пријавиле проблеми со основањето семејство со партнерот. Користејќи национални регистри, истражувачите го следеле здравјето на мажите до 50 години по нивните тестови за сперма. Имало 8.600 смртни случаи во периодот на следење. Скоро 60.000 од мажите дале примероци на сперма меѓу 1987 и 2015 и нивните досиеја содржат повеќе информации.
Алан Пејси, професор по андрологија на Универзитетот во Манчестер, рече дека студијата дополнува сѐ поголем број трудови кои сугерираат дека мажите со слаб квалитет на спермата имаат зголемен ризик од лошо здравје или рано умирање.
„Досега никој не излезе со задоволително објаснување. Важно е мажите со слаб квалитет на спермата да не паничат, но треба да разговараат за какви било проблеми со специјалист за плодност или со матичен лекар“, кажа Пејси.
(Фото: Шатерсток)