Во базен во Еспу, во близина на финскиот главен град Хелсинки, Маија Мотонен учи возрасни лица да пливаат како сирени, на часови кои се комбинација од фантазија и фитнес.

Од август досега, над 200 жени и мажи ги посетија часовите што ги води Мотонен, поранешна учителка во градинка и прва професионална инструкторка за сирени во Финска.

„Ова е остварување на мојот детски сон. Кога бев мала, сакав да бидам сирена или делфин. Но, мислам дека е полесно да се стане сирена, бидејќи е получовек“, вели 28-годишната Мотонен.

Пливачите од половината надолу носат опашки, кои се комбинација од споени пераи и текстилен материјал. Мотонен ги учи како да го движат телото како змија и да скокаат како делфин, зафрлувајќи ја опашката да удри во водата.

„Ова е остварување на мојот детски сон“, вели 28-годишната Мотонен (Фото: Ројтерс)

„Ова е магично. Луѓето, најмногу мажите, мислат дека ова е само за девојчиња или жени. Јас не се согласувам со тоа, мислам дека е за секого кој ужива во пливање“, вели градежниот работник Маркус Парвианен (29), облечен во зелена опашка што ја купил онлајн за 170 евра.