МОНТРЕАЛ ЌЕ ОДГЛЕДУВА ОРГАНСКИ ЗЕЛЕНЧУК ВО НАЈГОЛЕМАТА СТАКЛЕНА ГРАДИНА НА ПОКРИВ НА СВЕТОТ

Монтреал, (АФП)

Монтреал ќе се снабдува со модри патлиџани и домати од новата стаклена градина сместена на покривот на складиште, која е опишана како најголема на светот.

Иако одгледувањето органски зеленчук во срцето на вториот најголем град во Канада не е очигледен избор, „Луфа фармс“ го отвори објектот што се простира на површина од 15.000 квадратни метри, што е рамно на големината на три фудбалски игралишта.

„Мисијата на компанијата е да одгледува храна таму каде што луѓето живеат и тоа на одржлив начин“, вели портпаролот на „Луфа фармс“, Тибо Сорет.

Тоа е четвртата стаклена градина на покрив што „Луфа“ ја изгради во Монтреал. Првата беше отворена во 2011 година и чинеше 1,5 милиони долари. Идејата потоа се прошири и во Њујорк, Чикаго и Денвер.

Либанецот Мохамед Хаге и неговата сопруга Лорин Ратмел ја основале компанијата во 2009 со амбиција „целосно да го изменат системот на храна“. Во хидропонските контејнери на „Луфа“, во кои што не се користат почва и пестициди, преку цела година растат над 100 видови зеленчук и билки и секоја недела се собираат доволно плодови за прехранување на 20.000 семејства.

„Моментално сме во можност да прехраниме два процента од населението на Монтреал“, појасни Сорет.