Од следната година, велосипедистите ќе можат да возат по нова, 2.000 километри долга маршрута, која поврзува осум балкански држави. Трансдинарската патека ќе ги носи велосипедистите низ регион со исклучителна природна разновидност: од бујните шуми на Словенија, преку планините на Црна Гора и Македонија и кристално чистите реки на Србија и БиХ, до прекрасното крајбрежје на Хрватска и Албанија и националните паркови на Косово.
„Откако патеката ќе биде довршена, ќе бидат достапни детаљни навигациски информации, за да можат велосипедистите да планираат секоја етапа со услуги, места за разгледување, локалитети на УНЕСКО, сместување, ресторани и слично. Ова ќе биде прв ресурс од ваков вид за велосипедистите кои сакаат да го откријат Западен Балкан“, изјави Алекс Цревар, еден од организаторите на патеката.
Тимот кој стои зад патеката вели дека сакаат да создадат маршрута која ќе обедини авантура, култура и патување.
„Патеката не поминува низ сите големи градови. Идејата е да се развива одржлив туризам низ регионот. Од оваа патека поголеми придобивки ќе имаат рурални и запоставени заедници“, вели Цревар.
Оние кои ќе тргнат на оваа авантура не треба да очекуваат само асфалтирани патишта, туку ќе има и груби терени и земјени делници.
„Ваква патека може да помогне за децентрализација на туризмот и попат да се откриваат нови природни убавини“, најавува Цревар.