ПРОДАЖБАТА НА КОНДОМИ БЕЛЕЖИ РАСТ ВО ЗЕМЈИТЕ КОИ ГИ ОЛЕСНУВААТ КОРОНАМЕРКИТЕ

Њујорк, (Би-Би-Си)

Продажбата на кондоми бележи голем пораст во земјите кои ги олеснуваат ковид рестрикциите, вклучувајќи ја и Кина, објави компанијата „Рекит“, во чија сопственост е и брендот „Дурекс“.

Таа пријави двоцифрен пораст на продажбата на „Дурекс“ кондоми во првото тримесечје од 2021, во споредба со истиот период лани. На стартот на пандемијата, „Рекит“ кажа дека луѓето имаат помалку секс поради коронакризата, делумно и поради чувството на анксиозност. Ова првпат се променило минатото лето со олеснувањето на мерките за социјално дистанцирање, кога се зголемила продажбата на кондоми.

Според компанијата, производите за „сексуална добросостојба“ бележат значително зголемување на продажбата во Кина и делови од САД и Европа.

„Во овие региони се намалува бројот на новозаразени, со што се олеснуваат рестрикциите и се намалува анксиозноста околу пандемијата. Тоа поттикна силен раст во нашата категорија за сексуална добросостојба“, изјави извршниот директор на „Рекит“, Лаксман Нарасимхан.