РЕДОВНОТО ДВИЖЕЊЕ И СОЦИЈАЛНИОТ ЖИВОТ ЈА ЗГОЛЕМУВААТ ДОЛГОВЕЧНОСТА

САД, (Хафингтон пост)

И покрај тоа што повеќето луѓе се трудат да останат витални во позрелите години, постои посебна група наречена „суперејџери“, луѓе над 80 години кои имаат меморија како многу помлади луѓе.

Терминот беше измислен од истражувачите од Универзитетот Нортвестерн, каде што открија дека мозокот на овие луѓе побрзо работи во споредба со нивните врсници. Иако не постои сигурен начин да се стане „суперејџер“, истражувачите велат дека генетиката, околината и начинот на живот се факторите кои влијаат на ова.

Редовно движење

Според професорката по геронтологија Џенифер Ејлшир, секојдневното вежбање е поврзано со долговечноста и здравото стареење.

Не мора да биде одење во теретана или трчање, и активностите како градинарство или домашна работа имаат позитивен ефект“, вели таа.

Социјален живот

Истражувањата покажуваат дека луѓето кои се дружат живеат подолго и имаат подобро ментално и физичко здравје. Ејлшир објаснува дека „суперејџерите“ редовно поминуваат време со семејството и пријателите, волонтираат или остануваат социјално ангажирани.

Избегнување стресни ситуации

Оваа група луѓе избегнува непотребен стрес. Многумина од нив велат дека се обиделе да не се вклучуваат во туѓи драми и да не бидат гневни“, кажа Ејлшир.

Иако стресот е дел од животот, тие се фокусираат на она што можат да го контролираат и остануваат емотивно стабилни.

Работа на когнитивните способности

Никогаш не е доцна да научиме нов јазик, да свириме инструмент или нешто што нè стимулира ментално“, вели Ејлшир.

Когнитивната активност му помага на мозокот да остане здрав, но важно е задачата да биде предизвикувачка, а не стресна. Така задачите како крстозбори не се корисни ако предизвикуваат вознемиреност.

Правење работи кои нѐ исполнуваат

Ејлшир истакнува дека „суперејџерите“ често го прават она што ги прави среќни и мотивирани.

Тие се вклучуваат во активности кои им носат среќа и чувство на исполнетост. Многумина од нив сѐ уште се професионално активни, додека други пронашле ново хоби и уживаат во него без стрес“, вели таа.