ВАЖНО Е ДА ЗНАЕТЕ ДА ГИ ПРЕПОЗНАЕТЕ СИМПТОМИТЕ НА ТОПЛОТЕН УДАР

Лондон, (Би-Би-Си)

Ова лето е невообичаено топло во северната хемисфера и десетици луѓе починаа откако рекордо високи жештини погодија држави како Јапонија и Канада.

Важно е да се знае кои се предупредувачките знаци на топлотен удар и тоа најчесто се главоболка, зашеметеност, мачнина, губење апетит, претерано потење, грчеви, забрзано дишење и огромна жед. Станува особено ризично ако температурата на телото е над 40 степени и симптомите на опасност се запирање на потењето (на лицето му е топло, но е сув) и проблеми со дишењето. Во најлоши случаи, топлотен удар може да оштети органи и да предизвика смрт, а најризични категории се дијабетичари, мали деца и оние кои работат и вежбаат на отворено.

Бидејќи телото се поти повеќе на жешко време, важно е да се внесува вода. Физичката жед не е релевантен индикатор колку сме дехидрирани, тоа подобро може да се види преку бојата на урината. Избегнувајте многу кофеин и алкохол, бидејќи се диуретици и уште повеќе го дехидрираат телото.

Треба да се јадат производи кои содржат доста вода, како јагоди, краставици, марула, целер и диња.

Обидете се да избегнувате големи, тешки оброци богати со јаглехидрати и протеини, бидејќи им треба повеќе време да се сварат, што создава повеќе телесна топлина. Иако тоа може да изгледа чудно, научни истражувања сугерираат дека жешка и зачинета храна го разладува телото.

Ако сте зависници од вежбање, слушајте го своето тело. Пијте повеќе вода и изотонични спортски пијалоци.

Важно е и како се облекувате. Носете светли бои, памучна и ленена облека и не се разголувајте премногу.