Тренирање и трчање маратон го подобрува здравјето на артериите на новите тркачи, „подмладувајќи“ ги за четири години, вели ново истражување.

Истражувачи од универзитетот Колеџ Лондон тестирале 138 нови тркачи додека се подготвувале за Лондонски маратон. Низ шестмесечниот тренинг процес, нивните артерии повратиле дел од младешката еластичност, што го намалува ризикот од срцев и мозочен удар. Исто така, крвниот притисок им се намалил како да користеле апчиња. Оние кои претходно биле најслабо подготвени имале најмногу придобивки.

Според Британската фондација за срце, слични ефекти се постигнуваат и со помало количество аеробик вежби.

„Пред да почнат да се занимаваат со трчање на долги патеки, луѓето кои имаат проблеми со срцето или други медицински состојби, сепак, би требало да се консултираат со лекар, но смртни случаи на маратони се многу ретки. За повеќето луѓе, придобивките од вежбањето ги надминуваат сите ризици“, вели водачот на истражувањето, д-р Шарлот Менисти.