ВИЕНА ГО ПОВРАТИ СТАТУСОТ НА НАЈДОБАР ГРАД ЗА ЖИВЕЕЊЕ НА СВЕТОТ

Њујорк, (АФП)

По три години, Виена го поврати статусот на најдобар град за живеење на светот, се вели во годишниот извештај на Economist Intelligence Unit (ЕИУ). додека досегашниот лидер Окленд падна на 34. место поради ковид рестрикциите.

„Виена, која на ланското рангирање беше на 12. место откако ги затвори музеите и рестораните, се врати на врвот, каде што беше и во 2018 и 2019. Стабилноста и добрата инфраструктура се главните предности за неговите жители, покрај добрата здравствена заштита и мноштвото можности за култура и забава“, стои во извештајот.

Европа зазема шест од првите десет места. Зад Виена се Копенхаген и Цирих, па следуваат Калгари, Ванкувер, Женева, Франкфурт, Торонто и Амстердам, додека Осака и Мелбурн ја делат 10. позиција. Лани на првите три места беа Окленд, Осака и Аделаида.

Истражувањето опфати 173 града, а на дното завршија Дамаск, Лагос и Триполи. Киев овојпат не беше анализиран поради актуелната војна.