ЏОН ИЛИЈА АПЕЛГРЕН ЈА ПРОМОВИРАШЕ СВОЈАТА ПРВА КНИГА „ЗАБРАНЕТИ ЛУЃЕ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Пејачот Џон Илија Апелгрен синоќа ја промовираше својата прва книга „Забранети луѓе“, издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Книгата е своевидно сведоштво за незавидната состојба во која се најдоа дел од македонските џез и рок музичари во пандемијата на ковид-19.

„Оваа книга е пишан документ, едноставен, но прецизен одговор на она што ни се случи и како се справувавме со оваа криза како поединци и општество. Свесни сме дека застана цел свет. Но, исто така, свесни сме дека некои држави беа спремни да обезбедат егзистенција за оние на кои им забранија да работат во одреден период. Освен оваа книга, развивам идеи за два телевизиски и три музички проекти, како и идеја за долгометражен филм“, изјави Апелгрен, кој на промоцијата одржа настап со џез пијанистот Гордан Спасовски.

Во книгата се застапени 14-мина домашни музичари, кои живеат од ноќните свирки и настапите во локали, кои беа забранети со ковид мерките. Меѓу нив се Благоја Антовски, Игор Атанасоски-Харе, Трајче Велков, Калина Велковска-Кали, Зоран Костадиновски, Крле, Кирил Кузманов, Џоле Максимовски, Андреа Мирческа, Иван Петровски, Полина Тасева, Петар Ренџов, Гордан Спасовски, Арбен Бени Шаќири и самиот Апелгрен.

„Важно ми беше сите да бидеме застапени и низ нашите биографии публиката да се запознае со нас непосредно. Преку одговорите на поставените прашања сакавме да дадеме краток увид во нашата состојба тогаш и во нашите надежи за иднината. Кризата нè погоди сите до еден. Некои се предадоа на активизам, други се снаоѓаа и привремено работеа тоа што можеа, а трети ја напуштија музиката“, рече авторот.

Предговорите ги напишаа музичките новинари Бранка Костиќ-Марковиќ и Ненад Георгиевски и фотографот Драги Неделчевски.