БИТОЛЧАНКИ НА НАТПРЕВАР ВО КУМАНОВО СЕ ПРЕТСТАВИЈА СО СААТ КУЛА ОД ТЕСТО И МОЗАИЦИ НА ХЕРАКЛЕЈА ОД ПИТУЛИЦИ

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Пет векови старата Саат кула во Битола, која била изградена со додавање на 60.000 јајца во малтерот, вештите раце на членките на Организацијата на жени овојпат ја претставија на најкреативен и највкусен начин. Ова култно битолско архитектонско обележје беше дел од нивната инспирација да ја подготват свечената трпеза „Новогодишна Битола“ на интернационалниот гастрономски натпревар во „Етно село“, Кумановско.

Учесниците од Битола од тесто го соѕидаа Градскиот часовник, а во зимски пејзаж го ставија и на новогодишната торта. Нивната празнична трпеза изобилуваше со битолска симболика. Така од питулици ги изработија мозаиците од локалитетот Хераклеја, руската салата ја обликуваа како молика, а свежа салата како пауни, птици кои ги има во Зоолошката градина во Битола.

„Инспирацијата ни беше Битола, претставена низ традиционална храна, но на модерен начин. Орешачник од печени кори со фил од ореви и солена торта претставени како Хераклеја. Мозаиците ги изработивме еден од лушпи од јајца лепени на нори алга, а другиот од семиња од ориз, леќа, црна и хималајска сол, сончоглед и семки. Потоа за главното јадење подготвивме три вида месо претставено како фонтаната кај Саатот, салата како молика и свежа салата како паун“, рече координаторката на умешните битолчанки Весна Тодоровска-Алачковска.

Организацијата на жени од Битола годинава прослави 75 години постоење

Покрај неа, учествуваа и Светлана Петковска (претседателка на Организацијата), Лилјана Ракосовска, Верица Бутлевска, Данче Милошевска и Лилјана Кичева. За ремек-делата од храна помогна и надворешниот соработник Марјан Милошевски од позната битолска пекара, кој ја подготви Саат кулата од тесто.

Организацијата на жени, која прослави 75 години постоење, доби дипломи за најуспешна организација, најдобро декорирана маса, а Весна Тодоровска-Алачковска за шефица на годината.

Ж. ЗДРАВКОВСКА