Божиќно пиво направено од грашок и маринирана црвена зелка стана празничен хит на Исланд и се распродаде за само неколку часа. Направено од мала пиварница од Рејкјавик, „Ora Jolabjor“ или „Божиќно пиво“ е инспирирано од исландска божиќна вечера.
Тамошната божиќна трпеза традиционално содржи грашок и црвена зелка, покрај чадена јагнешка нога и карамелизирани компири.
Новото пиво, кое има 5,2% алкохол, е пронајдок на Валгеир Валгеирсон, главниот пивар во пиварницата „РВК“. Во изминатите години, тој создаде популарни божиќни пива од алги, кора од дрвја, па дури и од сушена риба.
„Пивото од риба беше чудно“, признава и 41-годишниот Валгеирсон.
Овојпат, тој измешал грашок и зелка со слад, хмељ и каранфилче и доби количество од 6.000 литри. Првите 6.000 лименки се продале онлајн за само неколку часа.