Околу 15.000 ученици на Олимписките игри во Париз нема да можат да јадат пржени компирчиња во најголемиот ресторан на светот: некогашна електрична централа која беше претворена во трпезарија. Таа се простира на над 200 метри во центарот на Олимпиското село, каде што секој ден ќе се служат 45.000 оброци.
Место помфритот, главните готвачи Шарл Гилој и Стефан Шишери планираат поздраво и поеколошко мени, со 500 различни јадења.
„Помфритот е преризичен поради опасноста од пожари при подготовката. Нема да има ни авокадо зашто мора да се увезува оддалеку и троши многу вода“, изјави Гилој.
Тој додаде дека олимпијците можат да заборават и на фоа гра, француски деликатес кој се прави од црниот дроб на патки или гуски.
Организаторите забранија и прибор за јадење и садови за еднократна употреба, со цел да се намали отпадот.
Околу 80% од намирниците ќе бидат од Франција, од кои една четвртина ќе доаѓа од кругот од 250 километри од Париз.