Како што се ближи денот на венчавката на принцот Хари и Меган Маркл, така и Велика Британија е во сѐ поголема еуфорија.
Таа ќе се одржи в сабота во замокот Виндзор и една локална слаткарница го искористи моментот и почна да служи специјален вид на топол пијалок, наречен „мегхаричино“. Ова, всушност, е класично капучино или кафе со млеко, со тоа што во пената е осликан ликот на идната кралска двојка.
Шанкерите во слаткарницата „Хајдис“ во Виндзор користат специјална машина за да репродуцираат еден од официјалните свршенички портрети на Хари и Меган на кафето.
Цената на пијалокот, што сопственикот на слаткарницата Едвард Дуркин го опиша како единствено, е 4,50 фунти, што го прави малку поскап од стандардното кафе, но тоа преку ноќ стана многу популарно во градот што в сабота ќе биде центар на светот.
„Ова е најблиску што ќе бидам до тоа да го бакнам Хари“, се пошегува 78-годишната Ен Брукер.