ПРВИОТ РЕАЛИСТИЧЕН ВЕГАНСКИ ХОТ ДОГ НА СВЕТОТ ОДИ ВО ПРОДАЖБА

Лондон, (Гардијан)

Британската компанија која го направи првиот „бургер без месо што крвари“ најави дека следната недела ќе го лансира и првиот хот дог на растителна база, кој има изглед и вкус како класичниот производ.

Компанијата „Мувинг маунтинс“ искористи сончогледови семки како главна состојка на својот хот дог, кој прво ќе почне да се продава во еден непрофитен ресторан во Лондон, пред да се појави во супермаркети подоцна оваа година. Со изглед на франкфуртски колбас, тој е долг 25 сантиметри и исто така содржи морков, кромид, пиперка и кокосово масло.

„Овој безглутенски колбас ги има истите вкус и текстура како свинската варијанта и е богат со витамини. Тоа го постигнавме со сончогледови семки, кои се многу поодржлива опција за храна“, вели основачот на компанијата Симеон ван дер Молен.

„Мувинг маунтинс“ се прослави минатата година кога го направи првиот вегански бургер кој крвари сок од цвекло.