НАСЛЕДНИКОТ НА „МЕКДОНАЛДС“ ВО РУСИЈА ИМАШЕ ДОБАР ПОЧЕТОК, НО ПРИЗНАВА ДЕКА НЕ Е ИСТО БЕЗ „БИГ МЕК“

Москва, (Ројтерс)

„Биг мек“ веќе го нема на менито во рестораните на руската верзија на „Мекдоналдс“, но новата фирма постави амбициозни цели откако продаде речиси 120.000 бургери на денот на отворањето.

„Мекдоналдс“ целосно се повлече од рускиот пазар во мај и ги продаде сите ресторани на еден од своите локални застапници. На 12 и 13 јуни, во Москва и околината се отворија првите 50 ресторани од новиот бренд „Вкусно и точка“, а муштериите беа пречекани од нови бои, лого и пакување.

„На првиот ден продадовме речиси 120.000 бургери. Никогаш не сме имале толкава побарувачка и додека ‘Мекдоналдс‘ беше во Русија“, вели извршниот шеф на „Вкусно и точка“, Олег Пароев.

Новиот бренд се обидува да потсетува на „Мекдоналдс“ што е можно повеќе (Фото: Гети)

Иако свесен дека овие бројки нема да се одржат, сопственикот Александер Говор планира да отвори 1.000 ресторани во следните четири-пет години. Говор откри дека платил симболична сума за руската франшиза на „Мекдоналдс“ и дека американската компанија немала намера да ја активира опцијата за откуп во рок од 15 години.

„Вкусно и точка“ е решен да го одржи квалитетот на своите производи, но предизвик е да се постигне препознатливиот вкус. Компанијата бара и нов добавувач на пијалаци, бидејќи се исцрпуваат руските резерви на „кока-кола“.

„Како што беше договорено со ‘Мекдоналдс‘, ќе ги промениме рецептите и веќе работиме на замената за ‘биг мек‘. Тоа е голема загуба. Фактот дека го нема на менито не ни помага. На гостите ќе им треба време да се навикнат на новото име и дека веќе не јадат во ‘Мек‘, туку во ‘Точка‘“, признава Пароев.