Група на специјализирани слаткарници за чоколада од Баскија подготвуваат верзија на ремек-делото „Герника“ на Пабло Пикасо, со цел да ги покажат нивните вештини и да го слават културното наследство.

„Герника“ беше одговор на Пикасо на бомбардирањето на малиот баскиски град во 1937 година за време на Шпанската граѓанска војна. Сликата е изложена во уметничката галерија „Кралица Софија“ во Мадрид. Со цел да ја одбележат 85-годишнината од трагичниот настан, 40 слаткарници соработуваат на рекреирање на сликата со чоколада во разни бои.

„На сликата има дел на страдање, дел на мир, има и порака за надеж“, вели Лорена Гомес, која раководи со групата.

(Фото: АФП)

Проектот е технички предизвик за слаткарите, со оглед на големината на сликата, која е речиси 3,5 метри висока и осум метри широка. Тие успеаја да ја направат така што споија 14 чоколадни плочи.

„Моравме да усогласиме различни шаблони, бои и слики. Можеби испуштивме некој детаљ, но мислам дека излезе навистина убаво“, вели Исмаел Сајалеро.

Финалниот резултат ќе биде изложен на повеќе локации, меѓу кои и во Герника.