Американскиот рапер, продуцент и актер Снуп Дог во октомври ќе ја објави својата прва книга за готвење, насловена „Од криминалец до готвач“ (From Crook to Cook).
Раперот ги објавува своите идеи за подготвување различни видови јадења, од јастог, вафли, па сѐ до коктели со џин и разни сокови.
„Мојата кујна е божествена. Играта со храна ја качив на повисоко ниво во собрана колекција од моите омилени рецепти“, изјави тој.
Издавачот „Хроникл букс“ најавува „закуски кои ќе ги задоволат сите вкусови“, но ги уверува читателите дека нема рецепти со канабис, кој е една од страстите на Снуп.
Снуп Дог ја почна раперската кариера во 1992 година. Покрај тоа што е во чекор со музичките трендови, беше активен и како фудбалски тренер, снимаше порно филмови, а имаше и емисија за готвење со Марта Стјуарт.