Вашите гости несомнено ќе бидат импресионирани ако ја завршите вечерта со шолја еспресо кое може да се мери со она од локално кафуле. За да се постигне тоа, потребни се многу часови вежбање и добра опрема, која обично е скапа.

Кафето содржи околу 850 ароматични соединенија, двојно повеќе од вино. Многумина шанкери ќе се согласат дека најдобриот начин да се почувствуваат повеќето од нив е совршено направена шолја еспресо. Прославениот Национален институт за италијанско еспресо ги има утврдено прецизните мерки потребни да се приготви совршено еспресо:

  • седум грама мелено кафе во сито
  • вода загреана на 88 Целзиусови степени
  • притисок од девет бара
  • 25 секунди екстракција
  • 25 милилитри кафе, вклучувајќи ја кремата

Ова е крајно италијански пристап“, вели Никол Батефелд, која во 2018 година победила на првенството на кафеготвачи во Германија.

Некои други шанкери и произведувачи на машини ќе предложат други параметри, но идеалното време од 25 секунди за екстракција не се менува.

Клучниот почетен фактор во правењето на совршено еспресо е изборот на вистинското зрно. Врвните шанкери вообичаено користат исклучиво арабика, а големо влијание врз крајниот резултат има и мелењето.

Мелењето е поважно од што било друго. Исто така, инвестирајте во филтер за вода. Тоа ќе помогне да се ублажат ефектите на премногу тврдата или меката вода врз кафето“, вели Батефелд, заклучувајќи дека подготвеното еспресо треба да изнесува околу 25 милилитри.