Брижит Макрон инсистира да јаде десет различни вида сезонско овошје и зеленчук на ден за да остане витка, додека нејзиниот сопруг, францускиот претседател Емануел, е повеќе љубител на сирењето кордон блу, открива главниот готвач од Елизејската палата.
Во интервју за „Tелеграф“, Гијом Гомез, кој служел оброци на четворица претседатели, вели дека менито секогаш се адаптирало според нивниот вкус, но фокусот задолжително бил на домашната кујна.
„Немојте да се криете зад лажна скромност, 70 проценти од туристите кои ја посетуваат Франција рекле дека доаѓаат заради гастрономија“, вели Гијом и додава:
„Сервираме само француски продукти за претседателот, по можност. Секако, кафето не е француско, но рибата, месото, овошјето и зеленчукот потекнуваат од Франција или од некои нејзини прекуокеански територии. Инсистираме овошјето и зеленчукот да се снабдуваат до 100 километри од Париз, исто како и некои дневни намирници. Половина од намирниците се органски, а на пролет, во план е отворање на претседателска органска градина за зеленчук“.
Како главен готвач, Гомез подготвува 95.000 оброци во една година, од обични вечери за претседателските сопружници, до обилни гозби за странски делегации.
Иако персоналот во палатата има фиксно мени, фамилијата Макрон може да нарача што било, од сендвичи до суши.
Но, тој инсистира дека тие не се на 24-часовна собна услуга.
„Ние не подлегнуваме на секакви претседателски желби, мит е дека тие бараат што било, кога ќе им текне”, открива Гомез.