Музичкиот свет засекогаш се промени откако на 8 април 1994 се прошири веста за смртта на 27-годишниот Курт Кобејн, фронтменот на „Нирвана“ и икона на гранџот. Тој беше пронајден мртов во својот дом во Сиетл и дополнително беше утврдено дека се самоубил три дена порано.
Иако сними само три албуми, влијанието на „Нирвана“ врз музиката се чувствува и денес.
Кобејн ја основал „Нирвана“ во 1987 со средношколскиот пријател Крист Новоселиќ и бргу се наметнаа на музичката сцена на Сиетл која ќе стане позната како гранџ, кој означи крај на неколку доминантни музички стилови од 1980-тите.
„Нирвана“ и Кобејн имаа скромни почетоци, брзо достигнаа невидена слава и завршија со трагедија. Токму славата беше она со што Кобејн не можеше да се носи. Негови блиски кажаа дека тој никогаш не сакал да биде богат, туку да има пари за нормален живот. Самиот не го криеше својот презир од огромниот комерцијален успех на албумот „Nevermind“, кој го претвори Кобејн во музичка мегаѕвезда, а на гранџот му донесе светска популарност.
Со славата дојдоа и ментални проблеми и зависности и Кобејн заврши во болница во Рим на 4 март 1994 откако се предозираше со хероин за време на европската турнеја. По пет дена се врати дома во Сиетл, а само еден месец подоцна се застрела од пушка во глава.
Седум месеци по овој трагичен момент беше објавен албумот „Ем-Ти-Ви анплагд во Њујорк“, како потсетник и осврт на неизмерниот талент на Кобејн.