Со 86 години, Бет Неш е најстарата активна стјуардеса на светот, потврди Гинисова книга на рекорди. Таа почнала да работи во 1957 и наесен ќе прослави 65 години во авиослужбата.
Неш може да избере која било маршрута за летање, но во најголем дел од кариерата беше лојална на линијата Њујорк-Вашингтон-Сиетл. Вели дека ја преферира оваа линија зашто ѝ овозможува да биде дома секоја вечер со својот хендикепиран син.
Кога почнувала да работи, авиокомпанијата ја проверувала дома дали живее со маж, зашто во тоа време, на стјуардесите не им било дозволено да бидат мажени.
„Авиокомпанијата исто така ми ја мереше тежината пред смената и можеше да ме суспендира ако сум качила премногу килограми. Тоа беше ужасно“, се присети таа.
Нејзината прва фирма била „Истерн ерлајнс“, а по неколку спојувања, завршила во „Американ ерлајнс“. Едно време работела и за Доналд Трамп.
„Во раните денови, патниците ѝ плаќаа на стјуардесата при качувањето. Летот од Њујорк до Вашингтон чинеше 12 долари. Среде лет им подававме цигари и кибрит на патниците“, вели Неш, која сè уште редовно присуствува на задолжителните обуки за стјуардеси.