АКТЕРОТ КРИС ПРАТ ГО ЧЕКА ПРВОТО ДЕТЕ СО ЌЕРКАТА НА ШВАРЦЕНЕГЕР

Лос Анџелес, (Дејли мејл)

Арнолд Шварценегер ќе биде дедо.

Ова стана јасно откако неговата ќерка Кетрин и актерот Крис Прат објавија дека го чекаат првото дете. Двојката ја соопшти радосната вест набргу откако Кетрин Шварценегер ја издаде својата четврта книга „Дарбата за простување“, која три недели беше на листата бестселери на „Њујорк тајмс“.

Четириесетгодишната ѕвезда на „Чувари на галаксијата“ и десет години помладата Шварценегер се во врска од летото 2018, а се венчаа во јуни 2019 на приватна церемонија во Калифорнија.

„Едвај чекам да станам дедо“, кажа 72-годишниот Арнолд Шварценегер во едно интервју оваа година.

Кетрин е највозрасното од четирите деца на Шварценегер од неговиот брак со Марија Шрајвер, од која се разведе во 2011 година. Бракот се растури откако Шварценегер призна дека има вонбрачен 14-годишен син.