АЛИГАТОР КОЈ ЈА ПРЕЖИВЕА БИТКАТА ЗА БЕРЛИН УМРЕ ВО ЗООЛОШКАТА ГРАДИНА ВО МОСКВА

Москва, (Би-Би-Си)

Алигатор кој ја преживеа Втората светска војна во Берлин и за кој погрешно се шпекулираше дека му припаѓал на Адолф Хитлер умре во зоолошката градина во Москва.

„Вчера утро, нашиот алигатор од Мисисипи, Сатурн, умре од старост. Тој имаше околу 84 години, што е крајно респектабилна возраст“, соопштија од Зоолошката.

Сатурн ѝ бил подарен на зоолошката градина во Берлин во 1936 година и оттаму избегал при бомбардирањето на градот во 1943. Тој бил пронајден од британски војници три години подоцна, кои потоа го дале на Советски Сојуз. Не е познато каде се криел и како ги преживеал овие три години, но по доаѓањето во Москва во јули 1946, веднаш станал миленик на жителите.

„Московската зоолошка имаше чест да го чува Сатурн 74 години. За нас, Сатурн беше цела ера и многумина од нас нѐ видел уште како деца“, кажаа од Зоолошката.

Сатурн важеше за еден од најстарите алигатори на светот. Алигаторот Муја од зоолошката градина во Белград има околу 80 години.