На 25 септември, од 19 часот во книжарницата „Литература“ во „Дајмонд мол“ во Скопје ќе се промовира биографија на легендарниот македонски фудбалер, Дарко Панчев, насловена „Авторизирана биографија- Дарко Панчев“.
Автор е новинарот Зоран Михајлов. Промотори на книгата ќе бидат проф. д-р Љубомир Кекеновски и поранешниот фудбалер и соиграч на Панчев, Васил Рингов, а модератор ќе биде уредничката Бисера Бендевска.
Во изданието се откриваат познати и помалку познати случувања, факти и анегдоти за Панчев, за неговиот подем, почнувајќи од детството, преку ангажманите во ФК „Вардар“ и ФК „Црвена звезда“, па сѐ до неговите европски фудбалски успеси. Во книгата има избор од 40 фотографии од приватната архива на Панчев, кои прикажуваат важни моменти од неговата кариера и од неговиот живот.
Во книгата има и приказни за Панчев кои ги раскажуваат челниците на „Црвена звезда“, неговите соиграчи и пријатели.
Панчев, познат по прекарот Кобра е добитник на „Златната копачка“ и „Сребрената топка“. Играше за гигантот „Интер“ од Милано, за „Лајпциг“, „Фортуна Диселдорф“ и за „Сион“, за југословенската репрезентација и за репрезентацијата на Македонија по осамостојувањето, станувајќи нејзин прв капитен. Тој е прогласен за фудбалер на векот во Македонија. Книгата е во издание на „Литература мк“.