АВИЧИ ЌЕ ДОБИЕ МУЗЕЈ ВО РОДНИОТ СТОКХОЛМ

Стокхолм, (Ројтерс)

Музеј посветен на шведскиот музичар Авичи, кој почина во 2018, ќе се отвори следната година во неговиот роден град Стокхолм, како дел од нов дигитален културен центар, соопштија неговите основачи.

Авичи, чие вистинско име е Тим Берглинг, беше една од најголемите ѕвезди на електронската музика кога се самоуби на 28 години во Оман во април 2018. Неговото семејство тогаш изјави дека се борел со стрес и „не можел да продолжи понатаму“.

Музејот „Аvicii Experience” ќе биде дел од културниот центар „Спејс“, кој ќе се отвори летото 2021, како заеднички проект на групацијата за забава „Спејс“ и фондацијата „Тим Берглинг“, што ја основаа неговите родители за поддршка на менталното здравје.

„Ќе има приказна за животот на Тим, од неговата соба во детството, каде што играл видеоигри со другарите, па сѐ до првите песни и снимки“, изјави Пер Сундин, директор на групацијата, во чија сопственост е и музејот на „АББА“ во Стокхолм.