БЕРЛУСКОНИ РАСКИНА СО 49 ГОДИНИ ПОМЛАДАТА ДЕВОЈКА И СИ НАЈДЕ УШТЕ ПОМЛАДА

Рим, (Гардијан)

Поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони се раздели од својата девојка по 12 години врска, објави неговата партија Форца Италија.

Оттаму додаваат дека 83-годишниот Берлускони и 49 години помладата Франческа Паскале ќе останат пријатели. Паскале, пак, кажа дека е зачудена од ваква изјава.

„Засекогаш ќе ми остане во срцето. Му ја посакувам целата среќа на овој свет и се надевам дека ќе најде некого што ќе се грижи за него како што јас го правев тоа“, кажа Паскале, која своевремено изјави дека секој ден го прашувала Берлускони дали ќе се ожени за неа.

Берлускони, кој зад себе има два пропаднати брака, веќе имал нова девојка. Италијанските медиуми открија дека станува збор за 30-годишната Марта Фашина, пратеничка од редовите на неговата партија.