Роже Федерер кажа дека Рафаел Надал го направил горд целиот тениски свет за време на неговата легендарна кариера, оддавајќи му признание на својот голем ривал пред неговото повлекување. Триесет и осумгодишниот Надал ќе ја заврши кариерата овој викенд, играјќи за Шпанија на финалето на Дејвис купот во Малага.
Федерер забележа 16 победи и 24 порази во дуелите со Надал, што го вклучува и незаборавното финале на Вимблдон во 2008.
„Ме имаш победувано – и тоа многупати. Повеќе отколку јас тебе. Ме предизвикуваше на начини на кои никој друг не можеше, ме тераше да работам понапорно одошто мислев дека можам“, кажа Федерер.
Швајцарецот го доби нивниот последен дуел, на Вимблдон во 2019, но затоа тогаш 17-годишниот Надал беше победник на нивниот прв меч во 2004.
„Мислев дека сум на врвот на светот. И бев, но два месеца подоцна ти излезе на теренот во Мајами, ги покажа тие твои бицепси и убедливо ме победи. Заедно го почнавме тоа патување и 20 години подоцна можам да кажам: ‘Имаше неверојатен, историски пат. Ја направи Шпанија горда, го направи целиот тениски свет горд‘“, кажа Федерер.
Во кариерата долга 23 години, Надал освои 92 АТП-титули, од кои 22 на гренд слем и 36 на мастерс турнирите и помина 209 недели како светски рекет број еден. Освои олимписко злато во 2008 и 2016 и четирипати славеше во Дејвис купот со Шпанија.
(Фото: Гети)