Изабела Роселини кажа дека би сакала да ја подели почеста за добивање номинација за Оскар со нејзините славни родители Ингрид Бергман и Роберто Роселини. Седумдесет и двегодишната италијанска актерка е номинирана за најдобра споредна женска улога за филмот „Конклава“, со што за првпат во богатата кариера ќе се бори за престижната статуетка.
„Кога бев млада, секогаш ме идентификуваа како ќерка на Ингрид Бергман и Роберто Роселини. Сега кога сум постара, тоа се случува поретко и, да бидам искрена, ми недостига. Би сакала моите родители да се живи за да ја прослават овој момент со мене“, кажа Роселини.
Таа е номинирана заедно со Моника Барбаро, Аријана Гранде, Фелисити Џонс и Зои Салдана, која важи за фаворитка.
Роселини го имаше филмското деби во 1985, а следната година се проби во класикот на Дејвид Линч, „Син сомот“.
„Нашата соработка беше суштинска за моето разбирање на уметноста на глумата“, кажа Роселини за Линч, кој почина минатата недела.
(Фото: ЕПА)