„БИЗНИСОТ НА ЗАДОВОЛСТВОТО“ НА ЦВЕТАНОВСКИ ДОБИ НАГРАДА ЗА НАЈДОБАР ФИЛМ ОД ИТАЛИЈАНСКАТА ПОЛИЦИЈА

Скопје, (СМАРТ. СДК.МК)

Македонскиот филм „Бизнисот на задоволството“ на режисерот Гоце Цветановски доби награда за најдобар филм на фестивалот Интернешнал полис артс авардс (International Police Arts Awards Festival – IPAAF) во Тоскана, Италија. Наградата на Цветановски на свечена церемонија му ја врачи претставник на италијанската Полиција.

Цветановски вели дека се работи за престижна културна манифестација во Италија, каде што полицијата веќе 27 години наградува уметници во областа на филмот, музиката, сликарството, литературата, театарот, телевизијата. Лауреати на овој фестивал биле артисти од рангот на Енио Мориконе, Андреј Кончаловски, Абел Ферара, Никита Микалков, Виторио Стораро, Џина Лолобриџида, Мет Дилон, Колин Фирт.

Фестивалот традиционално се одржа во октомври, но тогаш Цветановски не можеше да присуствува, па викендов во Монте Сан Савино му беше доделено признанието за најдобар филм, како и бронзена статуетка – реплика на Кимерата на Арецо.

„Во мојот развој како филмски автор учев од италијанските мајстори на уметноста како што се Фелини, Серџо Леоне, Торнаторе. Среќен сум што оваа награда доаѓа токму од полицијата којашто има благородна задача да ги штити граѓаните. Во филмот се прикажани многу неправди, но ние како луѓе имаме потреба да веруваме дека правдата ќе победи“, рече Цветановски на свеченоста.

Ова е седма награда за „Бизнисот на задоволството“ на филмските фестивали низ светот и прва во Италија. Филмот е поддржан од Агенцијата за филм.