БЛЕСКАВА ЉУБОВ – НОВОЗЕЛАНДСКАТА ПРЕМИЕРКА ИЗБРА МАОРСКО ИМЕ ЗА БЕБЕТО

Окленд, (Гардијан)

Новозеландската премиерка Џесинда Ардерн и нејзиниот партнер Кларк Гејфорд, конечно, по неколку месеци размислување, го избраа името на своето прво дете, кое се роди во четвртокот.

Нивната новородена ќерка ќе се вика Нив Те Ароха Ардерн Гејфорд, кое има малку ирско, малку маорско потекло.

Нив е изведено од ирското име Нијам и значи „блескава“, додека Те Ароха значи љубов на маорски јазик.

Ардерн вели дека со Кларк неколку месеци се мачеле околу името на бебето.

„Веројатно овој проблем го имаат многу родители и затоа решивме да почекаме бебето да се роди. Името Нив ни се допаѓа и кога ја запознавме, сфативме дека ѝ одговара. Името Те Ароха го избравме затоа што ја одразува поддршката што ја добивме од Новозеланѓаните за време на бременоста, особено од маорската заедница. Тоа е, исто така, посвета на планината Те Ароха, од кадешто потекнува целото мое семејство. Јас пораснав во подножјето на планината“, кажа Ардерн.