Британскиот премиер Борис Џонсон се свршил со партнерката Кери Симондс и чекаат бебе, кое треба да се роди во почетокот на летото.
Симондс објави на Инстаграм дека тие се свршиле уште кон крајот на минатата година и дека се чувствуваат неверојатно благословено.
Педесет и петгодишниот Џонсон и 24 години помладата Симондс станаа прва невенчана двојка на премиерската адреса улицата Даунинг 10 кога се вселија таму во декември. Исто така, Симондс е најмладата партнерка на британски премиер во последните 174 години.
„За оние кои сѐ уште не знаат, ние се свршивме на крајот на минатата година и ова лето очекуваме бебе“, напиша Симондс.
Тоа ќе биде трет брак за Џонсон. Со Марина Вилер, од која се раздели во 2018 по 25 години брак, има четири деца.
Симондс првпат соработуваше со Џонсон кога тој по вторпат се кандидираше за градоначалник на Лондон во 2012 година и потоа беше шефица на одделот за комуникации во Конзервативната партија.
Тони Блер и Дејвид Камерон исто така добија дете додека беа на премиерската функција.