Сателитските снимки покажаа драматичен пад на нивото на загаденост над Кина, што во голема мера се должи на успорувањето на економијата поради ширењето на коронавирусот, објави НАСА.

Мапите на НАСА покажуваат колку се намалиле емисиите на азот диоксид оваа година. Азот диоксид е гас што го испуштаат моторни возила и индустриски погони.

Ова уследи откако беше забележано рекордно намалување на индустриската активност со цел да се спречи ширењето на коронавирусот, кој во Кина зарази над 80.000 луѓе, а се прошири и во повеќе од 60 земји низ цел свет.

Научниците на НАСА велат дека намалувањето на нивото на азот диоксид прво било забележано во близина на градот Вухан, кој важи за центар на заразата. Според НАСА, ова се должи на ограничувањата што беа воведени во транспортот и во деловните активности, додека милиони луѓе се ставени во домашен карантин.

„Ова е првпат да видиме вака драматичен пад на една така широка област. Ова, сепак, не изненадува, имајќи предвид дека многу градови презедоа мерки за да се минимизира ширењето на вирусот“, изјави Феи Лиу, истражувач на квалитетот на воздухот од НАСА.